Нова мака за Тите: Се повреди и Алекс Сандро, колку ќе паузира не се знае!

Откако поради повреда на лигаментите на скочниот зглоб после мечот со Србија отпаднаа Данило и Нејмар, па сигурно е дека ќе го прескокнат и Камерун во последното трето коло на СП во Катар, нова мака за селекторот на Бразил, Тите – се повреди и Алекс Сандро.

Стандардниот лев бек на „кариоките“ е трет од првотимците што секако принудно ќе го пропушти мечот без преголем значај за Бразил против Камерун задутре, зашто петкратниот светски првак веќе е во осминафинале по двете победи со Србија и Швајцарија, а дуелот со Африканците ќе им биде само за заверка на првото место.

Сандро има повреда на колкот и засега не се знае колку ќе паузира и дали ќе биде подготвен за осминафиналето.

„Алекс почувствува болка кај колкот, мораше да излезе против Швајцарија и брзо беше прегледан, направи магнетна резонанца, која покажа повреда на колкот. Сигурно е дека нема да игра со Камерун, а сега е на лекување за побрзо да го рехабилитираме и евентуално да биде во конкуренција за осминафиналето“, рече лекарот на Бразил, Родриго Ласмар.

Алекс Телеш кој го замени Алекс Сандро пред крајот на мечот со Швајцарија ќе биде на левата бековска позиција против Камерун.