Најдобриот втор голман од Премиер лигата е пред трансфер

Според информациите на англиските медиуми, екипата на Брентфорд го контактирала Ливерпул и започнала преговори за трансфер на голманот, Келвин Келехер кој сезонава на „Енфилд“ беше резерва на Алисон. 

Кога и да беше потребно, Келехер достојно го заменуваше Бразилецот на голот на новиот шампион на Англија и покажа дека има сериозен квалитет со кој може да биде прв голман во многу екипи. Најголем дел од медиумите на Осторвовот го прогласија и за најдобриот резервен голман за изминатата сезона. 

Меѓутоа, 25-годишниот чувар на мрежата не сака повеќе да биде во сенка. Свесен дека наскоро на „Енфилд“ пристигнува ново засилување на голманската позиција и тоа Грузиецот Мамардашвили од Валенсија, Келехер е во потрага по клуб каде што би бил прв голман. 

Ливерпул е подготвен да го пушти, но не за помалку од 20 милиони фунти. Брентфорд во моментов е најконкретниот кандидат за неговиот потпис, бидејќи е речиси сигурно дека ќе остане без првиот голман Марк Флекен. За Холанѓанецот силен интерес покажува Баер Леверкузен.

„Фармацевтите“ имаат доволно средства, особено по очекуваните продажби на Џереми Фримпонг, Флоријан Вирц и можеби уште неколку фудбалери, па нема да имаат проблем да го донесат 31-годишниот Флекен.

Така, Келехер може да заврши како прв избор на голот на „Комјунити стадионот“, а Ливерпул со Мамардашвили ќе добие нова конкуренција за Алисон.

Фото: Liverpool FC/X