На Анри не му се допаѓа новото правило: Како со три постигнати гола на гости немаш предност?

Легендарниот француски фудбалер Тиери Анри вчера во студиото на „CBS Sports“ ја анализираше првата полуфинална пресметка меѓу Барселона и Интер (3:3) и притоа искрено призна дека му недостига некогашното правило за голови на гости.

„Иако знам дека правилото веќе одамна е укинато и мора да го прифатиме, разговарав со Џејми Карагер и му реков: ‘Како може да постигнеш три гола на гости и да немаш никаква предност?’ Головите на гости за мене беа многу важни. Сега даваш три гола, а во реваншот пак тргнуваш од 0:0“, истакна Анри.

Анри призна дека не очекувал Интер да одигра толку цврсто и храбро против Барселона, особено со оглед на нивната форма во последно време:

„Морам да бидам искрен – не мислев дека ќе излезат со таков пристап. Сепак, заслужуваат признание затоа што им се спротивставија на Барселона и одиграа вистински натпревар.“

Да потсетиме, Интер вчера двапати водеше – со 2:0 и 3:2, но Барселона не се предаде и успеа да извлече реми во вистинска драма на „Монжуик“.