Mбапе со гол и асистенција донесе бронза за Франција во Лигата на Нации (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Франција го освои третото место во Лигата на нации, откако попладнево во Штутгарт ја совлада Германија со 2-0. 

Најзаслужен за триумфот беше ѕвездата на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, кој учествуваше и во двата гола, прво беше стрелец, а потоа асистираше.

Германците први се заканија и имаа шанса да поведат во 31. минута кога Карим Адејеми падна во шеснаесетникот по контакт со францускиот голман Мањан. Главниот судија Иван Кружилак првично покажа на белата точка, но по прегледување на снимката со ВАР технологијата, ја поништи својата одлука.

Франција дојде во водство во завршницата од првиот дел кога Мбапе по еден прием испрати одличен удар и го совлада Тер Штеген. Конечниот резултат беше поставен на шест минути пред крајот на средбата кога Мбапе асистираше за Мајкл Олис кој само ја потврди бронзата за Франција.

Ќе потсетиме, во финалето вечерва од 21:00 часот силите ќе ги одмерат Португалија и Шпанија.

Фото: EPA