Хрватска е мала земја, со едвај четири милиони жители, ама има големо срце и за 26 години откако почна да игра на големите турнири, од Еуро 1996 во Англија, успеа да освои три медали, сите на Светските првенства. Доволно за да се претвори малата земја во фудбалски џин, зашто и многу поголеми фудбалски великани немаат толку трофеи како „коцкестите“ во нецели три децении откако фудбалски се независни по крвавиот распад на бивша Југославија.

Хрватска денеска освои бронза, за нив втора по таа во 1998 година која им беше „огнено крштевање“ на пиедесталот, а надополнување на среброто пред четири ипол години во Русија, како доказ дека не е чудо што Хрватска е таму каде што се наоѓа.

Откако првпат играа на СП во 1998 година со генерацијата на Шукер, Бобан, Просинечки, Јарни под палка на Мирослав Ќиро Блажевиќ крунисана со бронза, Хрватска со три медали е трета најтрофејна во историјата на Мундијалите. Да, Хрватите немаат злато, ама има еден куп великани на светскиот фудбал кои освоиле и помалку од тоа што го имаат „коцкестите“.

Од таа 1998, најтрофејни се Франција и Германија со четири медали. Французите се први со две злата (1998 и 2018), со шанса и за трето утре, а имаат и сребро од 2006. Германците имаат една светска титула, едно загубено финале и две бронзи (злато во 2014, сребро во 2002 и две бронзи во 2006 и 2010).

Зад овие две земји по медали следи Хрватска со три – две бронзи (1998 и 2022) и сребро (2018). Бразил има два медали, злато (2002) и сребро (1998), Холандија има два медали, сребро (2010) и бронза (2014), а и Аргентина ќе има два, поради утрешното финале, а има сребро од (2014). По еден медал, со златен сјај имаат Италија (2006) и Шпанија (2010), како и Белгија со бронза (2018) и Турција со бронза (2002).