
Ливерпул ја обезбеди титулата, а сега следи уште еден важен потпис
Три кола пред крајот, тимот на Арне Слот може мирно да ги планира следните чекори за новата сезона, која ја дочекуваат со поголеми амбиции од било кога досега.
Иако оваа година беше најавувана како транзициска, со многу отворени прашања околу иднината на клучни фудбалери, резултатите, особено во Премиер лигата беа одлични. Сега, откако се финализирани договорите со Мохамед Салах и Вирџил ван Дајк, а се очекува и заминување на Трент Александер-Арнолд, „црвените“ подготвуваат уште еден важен потег.
Според информациите на „Скај“, клубот наскоро ќе влезе во преговори со Луис Дијаз за продолжување на соработката. Колумбискиот офанзивец, за кого минатото лето имаше шпекулации дека би можел да премине во Манчестер Сити, сега е во фокусот на клубот како еден од столбовите на идниот проект.
Дијаз неодамна го одигра својот 100-ти натпревар во Премиер лигата во дресот на Ливерпул, а сезонава има постигнато 16 голови во сите натпреварувања.
„Би сакал да ја освојам Лигата на шампионите со Ливерпул“, изјави неодамна напаѓачот, испраќајќи јасна порака за својата мотивација и посветеност кон клубот.
Тој пристигна на „Енфилд“ во 2022 година од Порто за 54 милиони евра, а неговиот актуелен договор важи до 2027 година. Сепак, клубот сака да го задржи и по тој период, верувајќи дека Дијаз има уште многу да понуди во борбата за европски и домашни трофеи.
Фото: Liverpool FC/X