Брутална лекција за Мбапе и компанија: Шпанија по 16 години повторно е во финалето (ВИДЕО)
Во денешниот полуфинален меч, „фуријата“ ѝ одржа лекција на Франција која важеше за најголем фаворит за титулата на овој Мундијал. Шпанија славеше со 2-0 и трет пат во три години го совлада својот сосед, демонстрирајќи сила и надмоќ какви не се видени против Французите последните години.
Колку беше моќна Шпанија, најдобар доказ е тоа што француската репрезентација немаше ниедна шанса во текот на 90. минути и упати само два удара, преку Мбапе и Дембеле, но безопасни. Средниот ред на „триколорите“ за кого многумина велеа дека е најсилен во историјата на фудбалот, беше апсолутно запрен и надигран од Олмо, Родри и Фабијан Руиз.
Во такви услови, Шпанците го диктираа темпото и ја чекаа својата шанса. Таа дојде во 23. минута кога Јамал беше поитар од Дињ, му ја украде топката и се намести за овој да го фаулира во сопствениот шеснаесетник. Немаше дилема дека тоа е пенал кој Микел Ојарзабал со хируршки прецизен удар го претвори во гол. Откако дојде до предност, Шпанија ги затвори сите приоди кон голот на Унаи Симон, но тоа не беше класичен бункер, туку интелигентна игра со која ги запре ударните играчи на Французите. Трпеливата игра донесе уште еден гол по долга акција во 58. минута. По 20-тина додавања, Олмон го проигра Педро Поро, а бекот откако избегна офсајд, во манир на напаѓач го совлада Мењан и го постави конечниот резултат.
И покрај тоа што остана уште повеќе од половина час игра, Франција ниеднаш не се закани по голот на Симон. Тоа ѝ овозможи на Шпанија да го прослави првиот пласман во големото финале по 2010 година, а во него ќе игра против Аргентина или Англија.