Кога политичар ќе се вмеша во спорт: Советничка во Лос Анџелес побара од Сон помош за триумф на - САД! (ВИДЕО)

Корејскиот репрезентативец Хеунг Мин Сон вчера беше претставен како нов играч на Лос Анџелес, а на промоцијата, освен претставници на клубот, беше присутна и една советничка во градот Лос Анџелес.

Станува збор за извесна Хедер Хат која, очигледно, не е многу запозната со спортот и која била дојдена да води политичка кампања. Обидувајќи се да ги фати гласачите на патриотизам, таа направи неверојатен гаф од кој Сон тотално се збуни.

„Кога ќе се одржи Светското првенство, очекуваме во Лос Анџелес, победа на репрезентацијата на САД. Тука сме да те поддржиме да помогнеш во тоа“, порача Хат, а присутните останаа во прашалници од нејзините зборови.

Сон е репрезентативец на Јужна Кореја и никако не може да помогне САД да победат на некој натпревар. Очигледно Хат досега не слушнала за него, но не се ни консултирала со оние кои ја повикале да одржи говор на неговата промоција.