ФИФА планира да го изигра Мароко за СП во 2026 да се игра во Америка

Мароко и заедничката кандидатура на САД, Канада и Мексико, трите најголеми држави во Северна и Средна Америка (зоната КОНКАКАФ) се единствените два кандидати кои се борат за организација на Светското првенство во 2026 година и чие име за домаќин ќе биде одредено на 13 јуни на Конгресот на ФИФА.

Но, според одредени медиуми Мароканците се гневни дека светската централа и нејзиниот човек Џани Инфантино всушност со „ситни трикови“ се обидуваат да го изиграат африканскиот кандидат и да го однесат Мундијалот во Америка. Преку Атлентикот чекаат на организација на СП од 1994 година, кога тогаш самостојно САД го организираше Мундијалот. Инфантино најавил фер и чиста борба на двата кандидати за добивање на организацијата, но наводно во целиот процес ФИФА тајно додала дополнителни крирериуми за критериуми кои треба да се исполнат и тоа непосредно пред крајниот рок кога целокупните досиеа на кандидатите требаше да бидат доставени и во Цирих веќе јавно ги објавија.

Мароканците се изненадени од дополнителните критериуми, затоа што со нив, сега практично се оневозможува кандидатот, во случајот за африканската земја, да ги исполни навреме пред да почнат инспекциските надзори во следните два месеци до конечното гласање за домаќин на СП. Поради овие критериуми, кои за Мароканците се технички невозможни да се исполнат, заедничката кандидатура на САД, Канада и Мексико излегува во преден план.

Поради ова, Фоузи Лекџа, првиот човек на мароканскиот фудбал екпресно му пишал писмо на Инфантино и на членовите на Советот на ФИФА, како и до тимот за евалуација на кандидатурите, во кој член е и претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски во знак на протест поради „тактиката на доцнење“. Во писмото Мароко е „загрижен за рамноправноста и транспарентноста на постапката за наддавање“, а Лекџа дообјасни дека неколку месеци барале дополнително расјаснување на методологијата на системот за постигнување на оперативната група (Таск Форс) во однос на кои елементи треба да бидато опфатени во тендерската документација.

„Треба да бидете свесни дека ваквите информации може да влијаат на некои цели или содржини во досието за учество, составено од ФРФМ (федерацијата на Мароко – н.з.). На мое големо изненадување, системот за бодување нам ни беше предаден на 14 март, само 24 часа пред Мароко да го достави досието за кандидатура, а смао 48 часа пред крајниот рок за такво нешто предвиден од ФИФА“, стои во писмото.

Според системот на бодување за кандидатурите постои скала од 0 до 5, при што 0 значи дека условите не се исполнети или тие се многу слаби, а 5 дека сè е надминато и барањата се исполнети. Кандидатот мора да добие најмалку оценка 2 што значи „исполнети минималните критериуми и барања, со цел целиот проект да биде одобрен за да се најде на гласањето за домаќин на 13 јуни во Москва.

Покрај тоа, кандидатурата мора да има уште една „двојка“ за индивидуалните аспекти на стадионите, сместувачките капацитети за екипите, судиите, транспортните конекции... Неуспехот да се добие „двојка“ би значело преголем ризик за ФИФА и „финансиски неисплатлив проект“ да даде домаќинство на еден кандидат за организација на најголемиот фудбалски собир.

Сега, Мароко е во трка со времето да исполни минимум критериуми, затоа што за очекување е дека „Јунајтед 2026“, како што е заедничката кандидатура на САД, Мексико и Канада веќе има доволен капацитет за да се најде на гласачкото ливче на Конгресот. За тоа да се случи, Советот на ФИФА три дена пред конгресот треба да ја донесе клучната одлука кој кандидат ќе влезе во конкуренција за избор. Овие промени, како што се потенцира од ФИФА, се направени за да се избегнат поранешните избори кои беа оптоварени со афери за корупција.

Поради сето ова, Мароканците се лути, затоа што новите дополнителни критериуми не биле дел од условите што ги поставила ФИФА, а биле изгласани на Советот во минатиот октомври. Во новите барања се гаранции дека градовите кои ќе бидат домаќини мора да имаат најмалку 250.000 жители, минимален аеродромски капацитет од 60 милиони патници годишно, зголемени фан-фестивали, максимално растојание на градовите од 90 минути од аеродромот до градот. Плус, побарани се и владини гаранции за целиот проект, а токму ова за Мароканците е доказ дек ФИФА всушност ја турка Америка кон организација на СП 2026.

„Новиот систем на бодување додава неколку технички критериуми, кои не беа дел од првичните прописи. Овие елементи никогаш не биле посочени на ФРФМ кога го подготвувавме досието за кандидатура“, додава Лекџа.

ФИФА посочи дека никогаш досега немало потранспарентна и пофер процес за наддавање за организација на еден Мундијал.

„Јас го предизвикувам секој кој ќе посочи дека има пофер, потранспарентен и пообјективен процес за избор на домаќин на СП, како овој за СП 2026“, рекол Инфантино.

Но, спектицизмот и тоа како постои поради оформената работна група за СП, која не е независна, туку е составена од функционери кои се дел од ФИФА или кои се директно именувани и одобрени од самиот Инфантино, па оттаму Мароканците стравуваат дека и оваа битка за да добијат домаќинство на најголемиот фудбалски фестивал за нив може да е загубено.

Сега Мароко бара да се суспендира дополнителниот систем за бодување при евалуацијата на кандидатурите и да се влезе во битката за домаќинство според претходно утврдениот правилник. Мароканците од Инфантино бараат почитување на статутот и правилниците со цел „гарантирање на транспарентна и правична постапка“.

ФИФА во ноември формираше работна група за евалуација на кандидатурите за СП 2026 во која член е претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, а во образложението на ФИФА, таа работна група (Таск Форс) треба да биде последниот филтер за евалуација, пред кандидатурите да се најдат на дневен ред на Советот на ФИФА, кој потоа ќе одлучи која и колку кандидатури ќе се најдат на гласањето на Конгресот на ФИФА.