„Италија не играше на СП зошто фудбалерите од Јувентус не го сакаа Инсиње“

Италија ги преживува најтешките фудбалски моменти во последните половина век, откако минатата година не успеа да обезбеди мундијалска виза за летното СП во Русија, па првпат по 1958 година, „аѕурите“ не играа на еден Мундијал, а на сета мака се поклопија и очајните настапи сега на стартот на Лигата на нации и тоа откако беше направена коренита структурна промена во федерацијата.

Од ФИГЦ си замина Карло Тавекио, беше сменет и селекторот Џанпјеро Вентура, се најавија организациски промени, но резултатите во „ерата по големите неуспеси“ не дојдоа. Италија дека е во голема криза покажа и ремито со Македонија во октомври лани (1-1) во Торино, што беше само вовед и најава за катастрофата. „Аѕурите“ потоа загубија од Шведска на гости со 0-1, а дома во клучниот меч беа без муниција и одиграа без голови. Но, остана нејасно зошто Лоренцо Инсиње остана на клупата во решавачкиот меч.

Бившиот прв човек на италијанскиот фудбал Тавекио, откри сега после повеќе од една година, дека причините за дебаклот лежат во еден бојкот од фудбалерите на Јувентус кон првата ѕвезда на Наполи. Очигледно во соблекувалната на вентура владеела неверојатно очајна атмосфера, а селекторот бил под силно влијание на јувентините.

„Не знам дали фудбалерите на Јувентус не го сакаа во репрезентацијата, но фактите говорат дека постоеа големи проблеми кога во прашање беше користењето на Инсиње и неговото влегување во игра. Како можеда не го ставите Инсиње во тимот во Милано, а на трибините имате 20-30 илјади наполитанци? Плус, како може да не ставите играч со такти технички карактеристики? А, имате таков фудбалер и логично е да ги искористите тие негови технички способности. Јас во сето ова имав најмалку одговорност, ама поднесов оставка затоа што никој друг не сакаше тоа да го направи“, вели Тевекио.

Дека изјавите на Тевекио не се далеку од вистината, беше видео-клипот од мечот на кој Вентура сакаше да го стави во игра Даниеле Де Роси, ѕвездата и капитен на Рома, а тој заудено за одлуката одби да влезе во игра, алудирајќи дека треба да игра Инсиње за да го засили нападот во обидот барем да се стигне до гол за продолженија.