Инфантино е под истрага за корупција, а најави дека ФИФА ќе финансира агенција против – криминал

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, кој се наоѓа под корупциска истрага во Швајцарија за злоупотреба на својата положба и обид за влијание кај јавниот обвинител, најави дека светската организација финансиски ќе помогне во создавање на агенција за борба против корупцијата и криминалот во спортот.

Инфантино најави дека налик Светската анти-допинг агенција (ВАДА) која се бори против најголемото зло во спортот, треба да се формира и агенција за борба против корупцијата, за која ФИФА е заинтересирана финансиски да поогне за да се формира истата и потоа да опстојува.

ВАДА ја плаќаа Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК) и земјите членки, а половина пари од 35 милиони евра годишно ги дава олимпиското движење, додека најголем поединечен финансиер е САД, кој пак сега бара радикални промени во оваа анти-допинг агенција и се закани дека ќе престане со финансирањето.

Идејата на Инфантино за агенција против корупција е зголемениот број на наместени мечеви, посебно во фудбалот, по што најголем дел од аферите и истрагите за корупција завршувале неуспешно.

„Ние како ФИФА сакаме да инвестираме во тоа (агенција за борба против корупција – н.з.), а можеби таква една агенција ќе помогне спортот да стане многу побезбеден во следните децении“, вели Инфантино, додавајќи „никогаш да не се повтори и никогаш повеќе да нема корупција во фудбалот“.

Инаку во Швајцарија веќе започна процесот против бившиот генсек на светската органзиација Жером Валке, актуелниот прв човек на ПСЖ, Насер Ал Келаифи и телевизиски официјални лица од Катар за малверзации со продажба на ТВ-правата.

Во 2016 година, голема афера „ФИФАГејт“ експлодира и заврши со апсење на многу високо позиционирани членови во организацијата, а настрадаа и Сеп Блатер, тогашен прв човек на ФИФА и Мишел Платини, екс-претседателот на УЕФА за „нелојална исплата на два милиони швајцарски франци“, по што двоецот беше суспендиран од фудбалот.