И Арсен Венгер му го сврте грбот на Инфантино
Венгер, кој од 2019 година ја извршува функцијата директор за глобален развој на фудбалот во ФИФА, нагласи дека воопшто не бил информиран за проектот и дека за него дознал преку медиумите. Според него, таквиот начин на работа не е во согласност со принципите на транспарентност и интегритет што треба да ги негува светската фудбалска организација.
Со ова, Венгер стана уште едно влијателно име од ФИФА кое јавно се огради од Инфантино. Претходно критики упати и генералниот секретар Матијас Графстром, а целата ситуација дополнително го зголеми притисокот врз првиот човек на светскиот фудбал.
Контроверзниот проект предвидуваше формирање нова компанија преку која дел од комерцијалните права на Светските првенства ќе им бидат продадени на приватни инвеститори. По силниот отпор од бројни национални федерации и фудбалски функционери, планот беше повлечен, а кризата во ФИФА продолжува да ја разнишува позицијата на Инфантино.