Македонија ја надигра и Турција: Втора победа за кадетите на ЕП!

Македонската кадетска ракометна репрезентација славеше со 29-27 против Турција за втора победа на Европското првенство (ЕП) во Белград.

Турција беше подобар тим во првото полувреме и ги реализира своите шанси за да замине на паузата со водство од 15-13.

Македонија го отвори вториот дел многу подобро и ги казни грешките на противникот за да направи пресврт, а потоа и да ја чува предноста до крајот на натпреварот (29-27).

Најефикасен во редовите на Македонија беше Бобан Поповски со девет голови, додека Горазд Дамчевски запиша седум погодоци.

Ова беше втора победа за македонските кадети на турнирот, откако претходно славеа над Италија со 33-23.