Македонија домаќин на ново ЕП - најдобрите кадети ќе играат во Скопје и Гевгелија!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) повторно ќе биде домаќин на големо европско натпреварување, откако во периодот помеѓу 6 до 15 август ќе се одржи Европското првенство од Б-дивизијата за кошаркари до 16 години, на кое ќе настапат најдобрите кадетски селекции од овој ранг на европската кошарка.

Со ова ФИБА ѝ оддава признание за успешно организираните меѓународни натпреварувања во изминатите години. Македонија веќе неколкупати беше домаќин на младински европски шампионати, а со организацијата на У16 Евробаскетот уште еднаш ја потврдува репутацијата на сигурен организатор на континентални натпреварувања. Натпреварите ќе се играат во Скопје и Гевгелија.

Во главниот град, средбите ќе бидат одиграни во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој веќе има искуство со организација на бројни домашни и меѓународни кошаркарски настани. Истовремено, Гевгелија повторно ќе биде дел од европската кошаркарска сцена. Натпреварите во овој град ќе се играат во спортските сали „НБ Ноел“ и „26 Април“, објекти кои и претходно успешно биле домаќини на меѓународни натпреварувања.

Со организацијата на Европското првенство за кадети, КФМ продолжува со стратегијата за носење големи меѓународни натпреварувања во земјата, со цел дополнителна афирмација на македонската кошарка и промоција на државата како препознатлива спортска дестинација на европската мапа.