Шампионот им се врати на победите: Вардар го уништи Силекс (ФОТО)

Актуелниот македонски шампион Вардар денеска успеа да слави против Силекс со 4-1 во четвртото коло од Првата македонска фудбалска лига.

Димитар Данев уште во третата минута им донесе предност на „црвено-црните“ во дербито, по што Силекс бараше начин како да стигне до мрежата на Талески и конечно успеа во 37. минута кога Дарко Анѓелески испрати добар удар, а голманот на Вардар само со поглед ја проследи топката во својот гол.

Вардар тргна фуриозно во второто полувреме, па во 63. минута ја проби одбраната на екипата од Кратово преку Михаел Маневски, а набрзо стрелаше и Мигуел Пиреш за предност од 3-1.

Во самата завршница од натпреварот, скопскиот гигант постигна и четврти гол преку Спахиу за да обезбеди победа од 4-1.

Вардар по четири одиграни кола се наоѓа на шестата позиција со шест поени, додека Силекс е на третата позиција со седум поени.