Поранешен центар на Партизан е четвртото странско засилување за МЗТ Скопје!

Македонскиот шампион МЗТ Скопје продолжува со комплетирањето на ростерот за новата сезона, а најново засилување во редовите на „сино-белите“ е српскиот центар Димитрије Николиќ.

Кошаркарот висок 211 сантиметри денеска и официјално стави потпис на договор со аеродромци и ќе биде задолжен да ја засили играта под двата коша. Дваесет и осумгодишниот Николиќ зад себе има богато искуство во српската и регионалната кошарка. Кариерата ја почна во Раднички од родниот Крагуевац, а најголемиот дел од раниот период го мина во белградски Партизан, каде што настапуваше од 2017 до 2021 година. По заминувањето од црно-белите, го носеше дресот на Слога Краљево, Слобода Ужице, ФМП и Златибор, додека интернационалната кариера ја градеше во романските Крајова и Брашов, како и во литвански Невежис.

Во МЗТ очекуваат Николиќ да донесе цврстина и доминација во рекетот, пред сѐ благодарение на својата висина, физичка моќ и искуство стекнато низ бројните клубови во кои настапувал. Српскиот центар е четврто интернационално засилување на МЗТ Скопје ова лето, по Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, како и босанскиот центар Емир Крајиниќ. Под договор со клубот се и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски, додека тренер на тимот останува Васко Атанасов.

МЗТ Скопје во претстојната сезона ќе се натпреварува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот, каде што клубот по подолга пауза повторно ќе има европски настапи.