Ал Наср направи спектакуларен пресврт откако - Роналдо излезе од игра (ВИДЕО)
Гостите се најдоа во големи проблеми уште во 12. минута, кога Бенто доби директен црвен картон. Ал Етифак ја искористи предноста и поведе убедливо, откако Ондерј Дуда погоди во 31. минута, а Алваро Медран во четвртата минута од судиското продолжение го удвои водството. Но, потегот на тренерот на Ал Наср, Анге Постекоглу, на полувремето привлече посебно внимание. Австралиецот го извади од игра Кристијано Роналдо, кој мораше предвреме да го заврши натпреварот, а на негово место го внесе Абдула Ал Кајбари.
На Роналдо очигледно не му се допадна одлуката, но на крајот се покажа дека Постекоглу направил одличен потег. Ал Наср во второто полувреме заигра многу подобро. Само осум минути по паузата Садио Мане ја затресе мрежата, но голот беше поништен поради офсајд. Сепак, Сенегалецот не чекаше долго за нова шанса. Во 74. минута Жоао Феликс асистираше до Мане, кој овојпат погоди за 1-2 и го врати Ал Наср во игра.
Само три минути подоцна Португалецот повторно беше асистент. Овојпат Абдула Ал Амри погоди за 2-2. Целосниот пресврт беше комплетиран во 90. минута. Сами Ал Наџеи го проигра Мане, а Сенегалецот со својот втор гол на натпреварот му донесе голема победа на својот тим.
Ал Наср по три кола има максимални девет бода и е лидер на табелата, додека Ал Етифак го доживеа првиот пораз и со шест бода се наоѓа на шестото место.