Откриена причината за смртта на поранешниот НБА кошаркар Брендон Кларк

Истрагата за смртта на поранешниот НБА кошаркар Брендон Кларк е завршена, а резултатите ја потврдиле информацијата за која американските медиуми шпекулираа уште од мај.

Кларк почина во мај годинава во својот дом. Тој целата своја седумгодишна НБА кариера ја помина во дресот на Мемфис Гризлис, кои го избраа како 21. пик на драфтот во 2019 година. Заедно со Џа Морант, Кларк беше еден од кошаркарите со најдолг стаж во тимот.

Според резултатите од истрагата, Кларк починал како последица на земање хероин и кокаин во комбинација со лекови достапни на рецепт. Смртта е класифицирана како несреќен случај. Информациите за причината за смртта ги објавија California Post и TMZ, откако истрагата била официјално завршена. Само еден месец пред трагичниот настан, во април, Кларк бил уапсен во Арканзас. Според објавените информации, бил обвинет за поседување и трговија со недозволени супстанции, бегство со возило при прекумерна брзина и неправилно престигнување.

И покрај проблемите во последниот период од животот, Кларк беше активен и надвор од кошаркарскиот терен. Една година пред смртта ја основал Фондацијата „Брендон Кларк“, со цел да им помага на семејствата во Мемфис. Тој исто така донирал средства на организација која им помага на децата со описменување и организирал празнични прослави за локалните семејства. Кларк во НБА остави впечаток како атлетичен и енергичен крилен центар, а најголемиот дел од кариерата го помина во Мемфис. Неговата смрт на 29-годишна возраст претставуваше голем удар за клубот и кошаркарската заедница.

Сега, по завршувањето на истрагата, официјално е потврдено дека станувало збор за несреќен случај предизвикан од комбинираното дејство на повеќе супстанции.