Фернандеш стана втор Португалец избран за најдобар фудбалер во Премиер лигата!
Португалскиот репрезентативец забележа 21 асистенција и девет гола и му помогна на Манчестер Јунајтед да ја заврши сезоната на третото место во Премиерлигата. За „ѓаволите“ ова е 12-та награда за најдобар играч на сезоната во изборот на ПФА, што е апсолутен рекорд во англиското првенство. Фернандеш, пак, е вториот Португалец кој го освојува престижното признание, по Кристијано Роналдо, кој триумфираше во 2007 и 2008 година.
Капитенот на Јунајтед веќе има 110 голови и 106 асистенции за клубот на 314 натпревари. Со тоа стана само вториот фудбалер во историјата на Манчестер Јунајтед кој стигнал до бројката од 200 голови и асистенции во Премиерлигата. Пред него тоа му успеало само на Вејн Руни, кој до границата од 200 директни учества во голови стигнал на 295 натпревари.
Во идеалниот тим на ПФА се најде и Игор Тиаго од Брентфорд, кој постигна 22 гола во сезоната и со своите настапи заслужи повик во репрезентацијата на Бразил за Светското првенство. Тој е единствениот фудбалер во идеалниот тим кој не доаѓа од Арсенал, Манчестер Сити или Манчестер Јунајтед.
Кај дамите, признанието за најдобра фудбалерка ѝ припадна на напаѓачката на Манчестер Сити, Кадија Шо, која постигна 21 гол и по вторпат ја освои наградата, по триумфот во 2024 година. За најдобар млад фудбалер е прогласен Нико О'Рајли од Манчестер Сити, додека кај девојките по вторпат едноподруго триумфираше напаѓачката на Арсенал, Оливија Смит.
ИДЕАЛЕН ТИМ НА ПФА:
Голман: Давид Раја (Арсенал)
Одбрана: Габриел Магалјаеш (Арсенал), Нико О'Рајли (Манчестер Сити), Вилијам Салиба (Арсенал), Јуриен Тимбер (Арсенал)
Среден ред: Бруно Фернандеш (Манчестер Јунајтед), Деклан Рајс (Арсенал), Рајан Шерки (Манчестер Сити)
Напад: Ерлинг Халанд (Манчестер Сити), Антоан Семенјо (Манчестер Сити), Игор Тиаго (Брентфорд)