По 13 години - Мурињо повторно на „Бернабе“
Овојпат, сепак, приказната е поинаква. Мурињо се враќа со нова улога и со јасна задача – да го врати Реал Мадрид на самиот врв и повторно да му даде победнички карактер на тимот.
Неговото прво заминување од „кралскиот клуб“ во 2013 година не беше без турбуленции. И покрај тоа, Португалецот остави зад себе освоени трофеи и тим кој во неговиот мандат се бореше за највисоките цели. Последниот меч на „Бернабе“ го имаше на 1 јуни 2013 година кога Реал ја совлада Осасуна со 4-2 со головите на Игуаин, Есјен, Бензема и Каљехон, а Есјен својот погодок го прослави со Мурињо, посветувајќи му го нему. Португалецот помина три сезони во Реал и освои исто толку трофеи, не успевајќи целосно да ја прекине доминацијата на Барселона која во истиот период дојде до дури осум пехари.
Сега, по повеќе од една деценија, повторно ќе го почувствува амбиентот на „Бернабеу“, овојпат со многу поголемо искуство. Интересно е тоа што по заминувањето во 2013, Мурињо ниеднаш не гостуваше на „Бернабе“ како тренер на друга екипа иако имаше таква можност во февруари годинава кога ја водеше Бенфика против Реал, во плејофот од Лигата на шампионите. Тогаш беше суспендиран и го пропушти реваншот во Мадрид, па немаше средба со навивачите на Реал.
Мурињо во новиот мандат настојува да покаже и поинакво лице. Наместо темпераментниот тренер кој често беше во центарот на вниманието поради конфликти и провокации, сега делува посмирено и порефлексивно. Тоа веројатно се должи на фактот дека во овие 13 години откако си замина од Реал, Мурињо не се прослави, а последната титула во национално првенство ја освои во 2015, со Челси со што сериозно си го наруши својот имиџ и покрај тоа што се уште има многу фанови низ светот. На теренот, сепак, очекувањата остануваат исти – Реал мора да победува.
Мадридскиот тим вечерва од 21 часот се среќава со својот редовен „пациент“ Сосиедад со кого ќе игра и во полуфиналето од Суперкупот, во февруари.