Жителите на Њујорк ќе гледаат Ју-ес опен за само 100 долари, ама - има една „финта“!

По сè погласното незадоволство поради високите цени на билетите за Ју-ес опен, пристигна добра вест за љубителите на тенисот во Њујорк, откако градоначалникот Зохран Мамдани и Американската тениска асоцијација (УСТА) најавија заедничка иницијатива со која ќе бидат обезбедени 1.000 субвенционирани билети по цена од точно 100 долари, но само за жители на овој град.

Продажбата започнува денеска, преку официјалната интернет-страница на турнирот, а билетите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, па се очекува голем интерес. За да се искористи понудата, купувачите ќе мора да внесат валиден поштенски код со кој ќе докажат дека живеат во Њујорк. Секој жител ќе може да купи најмногу два билети.

Специјалните билети важат за натпреварите од главната турнирска шема кои ќе се играат од 30 август до 8 септември. Со нив ќе може да се следат мечеви на трибините на најголемите терени – „Артур Еш“ и „Луис Армстронг“, но и на останатите отворени терени во комплексот „Били Џин Кинг“. Акцијата доаѓа во период кога цените на билетите за последниот гранслем-турнир во сезоната предизвикаа големи реакции.

На официјалните платформи и секундарниот пазар, дневните билети често достигнуваат над 300 долари, додека за најатрактивните денови и натпревари цените можат да бидат и значително повисоки. Токму затоа понудата од 100 долари претставува сериозно олеснување за локалните љубители на тенисот.

Организаторите, сепак, презедоа мерки за да спречат препродажба и профитирање од субвенционираните билети. Овие 1.000 пропусници нема да може да се препродаваат. Разликата меѓу субвенционираната цена од 100 долари и вистинската вредност на билетите ќе ја покрие директно УСТА, како дел од партнерството со градските власти.

Градоначалникот Мамдани порача дека спортските настани од највисоко ниво треба да бидат достапни и за луѓето кои живеат во градот домаќин. Иницијативата е дел од пошироките напори на неговата администрација да обезбеди подостапни билети за големи спортски и културни настани во Њујорк.