ТФТ ќе настапи на силен турнир во Солун - со тимот на Нено и со ривал на МЗТ!
Тимот од Тафталиџе веќе ги одмери силите со грчкиот ПАОК, синоќа одигра контролен натпревар и со македонската репрезентација, а во септември го очекува настап на силен меѓународен турнир во Солун (20-22 септември). Таму ќе настапат дури осум екипи, меѓу кои и грчкиот гигант Арис, предводен од македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ, како и Бахчешехир од Турција, Балкан од Бугарија, како и грчките тимови Викос Фалконс, Миконос и Ираклис, кој, пак, е противник на МЗТ во ФИБА Еврокупот.
Според актуелниот распоред, ТФТ на 21 септември ќе ги одмери силите со Викос Фалконс, додека понатамошниот распоред ќе зависи од резултатите на останатите натпревари. Турнирот ќе се игра во салата „Иванофио“, домот на Ираклис, а организатор е Судиската организација на Грција.
Претходно, покана за настап на овој турнир доби и МЗТ Скопје, но не ја прифати бидејќи се игра во сала на европски ривал, кој така би можел да добие информации за играта на нашиот тим во пресрет на меѓусебниот дуел.