„Македонецот Гаштаров е најголема жртва на лудиот календар на УЕФА!“

Тренерот на Црвена звезда, Алберт Риера, не го криеше огромното незадоволство од новиот календар на УЕФА, упатувајќи жестоки критики за тринеделната пауза исполнета со дури четири репрезентативни натпревари во низа.

Зборувајќи за кадровските проблеми, тренерот на актуелниот српски шампион потенцираше дека екипата плаќа висок данок поради репрезентативните обврски и напорните тренинзи. Тој го потенцира македонскиот репрезентативец, Матеј Гаштаров, како најголема жртва на овој нехуман календар.

„Календарот е луд, затоа има многу повредени фудбалери низ Европа. Најдобар доказ за тоа е Гаштаров, момче кое пред два месеци воопшто не играше, а потоа во еден месец одигра 10 натпревари по 90 минути. Тоа е премногу. И после се прашуваме зошто доаѓа до тешки повреди. Невозможно е да се поднесе таков стрес за телото и нозете и да се издржи таков интензитет на врвно ниво. Не е нормално да изложите момче од 19 години на толкав напор. Кога ќе се случат тешки повреди, ова е причината. Тоа се факти, а не изговори. Оние кои ги прават календарите мораат повторно да размислат за ова“, предупреди шпанскиот стручњак.

И покрај огромниот физички замор, Риера изрази големо задоволство од психолошкиот напредок на младиот Гаштаров. Тој потенцираше дека стручниот штаб интензивно работи на градење на неговиот карактер и победнички менталитет, што е клучен предуслов за развој во врвен фудбалер.

„Не сакам да издвојувам поединци, но ги гледав сите натпревари на нашите фудбалери за националните тимови. Би го издвоил Гаштаров бидејќи ова му беше прв повик за А репрезентацијата. Тој е малку срамежлив по природа, но јас во тоа не верувам на теренот, кога ќе стапнеш на тревата, мораш да покажеш дека си најдобар. Работиме на неговиот карактер и самодоверба и тој тоа сега го покажува на теренот. За да бидеш врвен играч, тоа ти е неопходно. Прави голем напредок, чекор по чекор, и мило ми е што можам да му помогнам на овој начин, бидејќи ако му помогнеме, тој ќе ѝ помогне на екипата да победува, а тоа е најважно“, заклучи тренерот на Црвена звезда.