Делегат и двајца судии добија суспензии поради пропусти во Суперкупот

Тројца кошаркарски службени лица ќе отсуствуваат од терените во следниот период откако дисциплинските органи им изрекоа суспензии поради пропусти во нивната работа на натпревварот од Суперкупот на Македонија, меѓу Куманово и МЗТ Скопје. На удар се најдоаа судиите Боро Антовски и Никола Јакимовски и делегатот Зоран Николовски.

Антовски нема да суди на четири натпревари во сите лиги. Одлуката е донесена по анализа на експертскиот извештај и прегледување на видео-снимките, врз основа на кои било оценето дека неговото судење не било на потребното ниво.

На ист период ќе биде отстранет од извршувањето на своите обврски и делегатот Николовски. Неговата казна се однесува на пропусти при спроведувањето на одлуките, односно неуредно и нецелосно постапување, како и ненавремена и неправилна реакција.

За разлика од нив, Јакимовски е казнет со забрана за вршење на судиската должност на два натпревари во сите лиги. И во неговиот случај, одлуката се темели на експертска процена и прегледан видео-материјал, при што е констатирано недоволно квалитетно судење.

Од истиот натпревар е и паричната казна од 30 илјади денари за Куманово поради фрлени тврди предмети од домашните навивачи.