Хамес Родригес: Модерниот фудбал ги уништи „десетките“ - нема веќе плејмејкери!

„Златната копачка“ на Светското првенство во Бразил, Хамес Родригез, кој не е центарфор, туку плејмеркер посочи дека модерниот фудбал денеска ги уништил вистинските „десетки“ и дека веќе исчезнува популарниот „фантазиста“ како најкреативен фудбалер во секој тим.

Родригез даде шест гола на Мундијалот во Бразил, меѓу кои и еден од најубавите во историјата против Уругвај, а во кариерата играше за Порто пред да направи 70 милиони евра трансфер во Реал Мадрид после СП, а од 2017 година играше и за Баерн, по што кариерата почна да му оди во надолна линија.

„Денеска сите играат формации 4-4-2 или 4-3-3 и во вакви формации позицијата 'десетка' веќе не постои. На секое дете кое сонува да игра 'десетка', да игра плејмејкер сега му е уништен сонот, зашто таква позиција повеќе не постои. Нема тренер кој игра со плејмејкер во моментов. Сите сакаат само брзи играчи кои имаат квалитет за – еден на еден. Тоа е вистината за модерниот фудбал“, вели Хамес.

Колумбиецот кој блескаше во Бразил се најде во тимот на првенството, а легендарниот Диего Марадона тогаш посочи дека Хамес требаше да биде избран за фудбалер на турнирот, а не Лионел Меси, кој ја понесе наградата за МВП.