Голеада на Флорида, Баерн ќе го предизвика европскиот шампион (ВИДЕО)

Германскиот првак Баерн е четврти четвртфиналист на Светското клупско првенство откакво во меч со шест гола го совлада бразилскиот Фламенго со 4-2.

Ефикасниот натпревар беше најавен уште во првите десетина минути во кои Баерн поведе со 2-0 благодарение на автоголот на Пулгар кој несреќно реагираше по еден корнер и прекрасниот погодок на Хари Кејн кој од голема далечина ја затресе мрежата на Бразилците. Фламенго не беше во подредена позиција, но примените два гола во раната фаза придонесоа да тргне во атак со сите сили.

Тоа даде резултат во 30. минута кога Герсон по еден карамбол упати бомба кон Нојер и успеа да ја намали негативата. До полувремето Горецка се погрижи повторно Баерн да дојде до +2, но по десетина минути игра во вториот дел Жоржињо од пенал ја врати драматиката на мечот. Точка, сепак, стави Кејн со својот втор гол во 73. минута.

Во четвртфиналето, Баерн ќе се сретне со актуелниот европски шампион ПСЖ со кого оваа сезона се сретна во Лигата на шампионите и победи со 1-0 на домашен терен.