Милан не бил прва опција за Модриќ – прво бил одбиен од клуб од САД!

Легендарниот хрватски фудбалер, Лука Модриќ, долгогодишниот престој во Реал Мадрид ќе ја заврши на претстојното Светско клупско првенство (СКП), но неговиот следен чекор не е таму каде што самиот посакувал.

Неговата желба била кариерата да ја продолжи во Интер Мајами, клубот на Лионел Меси, но американскиот тим го одбил неговиот трансфер – со што хрватскиот ас се свртел кон Милан. Агентите на Модриќ го понудиле не само неговото име, туку и можни трансфери на Нејмар и Кевин Де Брујне во Интер Мајами, но управата на американскиот клуб останала доследна на својот концепт и одбила ангажирање на нови суперѕвезди и покрај гламурозниот предлог.

По ова одбивање од САД, фокусот на Модриќ се префрлил кон Европа. Италијанскиот гигант Милан понудил договор што целосно одговарал на условите на 38-годишниот плејмејкер, и трансферот ќе биде финализиран веднаш по крајот на клупскиот мундијал.

Модриќ е дел од Реал Мадрид од 2012 година и за 13 сезони освои 28 трофеи, вклучувајќи пет титули од Лигата на шампионите, три од Ла Лига, два пехари во Купот на кралот и пет успеси во Светското клупско првенство.