Еден состанок ја одлучил иднината на Модриќ во Реал Мадрид

Хрватскиот ветеран Лука Модриќ вчера и официјално се збогуваеш со Реал Мадрид, клубот во кој ги помина последните 13 години од својата блескава кариера и со кој освои сѐ што може да се освои, вклучувајќи дури шест титули од Лигата на шампионите и престижната награда за најдобар фудбалер во светот.

Иако тој посакуваше да остане уште една сезона на „Сантијаго Бернабеу“, неговата судбина била одлучена на приватен состанок со претседателот на клубот, Флорентино Перез. Според информациите на шпанскиот весник „Релево“, токму тој разговор бил клучен за одлуката по 13 години Модриќ да бара нова средина.

Модриќ наводно јасно ја искажал својата желба да остане уште една година и да одигра уште една сезона,  но, Перез имал поинакви планови, Реал Мадрид стартува нов план со фокус на млади таленти и долгорочна инвестиција во иднината. Така платата на Модриќ ќе биде пренасочена во развојот на нова генерацијата „галактикоси“.

Иако сакал да одигра уште една сезона, Модриќ прифатил да потпише едномесечен договор, што ќе му овозможи да го облече белиот дрес на Светското клупско првенство.

Неговиот последен домашен натпревар на „Бернабеу“ ќе биде в сабота кога ќе се збогува со навивачите по цели 13 години поминати во Мадрид во кои изгради статус на вистинска икона.