Добра вест за Димитриевски: Гигантот од Премиер лигата тргнува по Мамардашвили

Голманот на Грузија и член на шпанска Валенсија, Мамардашвили беше еден од оние кои прикажаа солидни настапи на Европското првенство, а во овој преоден рок се очекува и негов трансфер.

Мамардашвили беше одличен и во текот на минатата сезона и токму затоа што им беше јасно дека тешко ќе го задржат, Валенсија го доведе македонскиот чувар на мрежата Столе Димитриевски. Но, засега Мамардашвили се уште е голман на клубот од „Местаља“.

Останувањето на Мамардашвили не оди во полза на Димитриевски бидејќи така би бил резервен чувар на мрежата, меѓутоа последните информации од Шпанија говорат дека Грузиецот ќе пронајде нов ангажман.

Наводно, Ливерпул е сериозно заинтересиран да го доведе во своите редови. Најавите се дека „црвените“ се спремни да понудат околу 30 милиони евра, додека Валенсија би можела да бара нешто повеќе.

Со доаѓањето на тренерот Арне Слот во Ливерпул ќе има промени, па така се размислува и за замена за Алисон, па дури и опција за прв голман.

Останува да видиме како ќе се одвиваат работите, а расплет на целата ситуација сигурно чека и Димитриевски. Претходно се појави и шпекулација дека македонскиот чувар може дури и веднаш да ја напушти Валенсија ако Мамардашвили остане во шпанскиот клуб.