„Ние поискусните треба да ги повлечеме младите, Македонија утре мора да победи!“

Македонија разочара против Фарски Острови (1-1) на стартот на новото издание на Лигата на нации, па ќе се обиде да го обели образот против Ерменија во второто коло од натпреварувањето.

Голманот на македонската репрезентација, Столе Димитриевски кажа дека е нормално поранешните репрезентативци да даваат свое мислење за играта на Македонија, но во моментов главна тема е дуелот против Ерменија и триумф на истиот.

„Нормално е поранешните колеги кои не се веќе тука да имаат свое мислење, јас како заменик капитен на репрезентација сум фокусиран и максимално спремен да го одработам натпреварот со нашиот утрешен противник. Најважно е утре да победиме за да имаме шанси за првото место, па потоа можеме да зборуваме на други теми. Ние поискусните треба да тргнеме и да го повлечеме возот за помладите да се качат. Како што кажав утре е најважен резултатот и Македонија треба да победи, тоа е во мислите на целата екипа“, кажа Димитриевски.

Дуелот меѓу Македонија и Ерменија се игра утре во Скопје од 20.45 часот.