Милевски: Овие фудбалери се најдобрите кои ги има Македонија, фокусирани сме на Ерменија!

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе ја пречека Ерменија во Скопје, а селекторот Благоја Милевски зборуваше за очекувањата на мечот од Лигата на нации.

Милевски посочи дека резултатот со Ерменија е минато и фокусирани се кон Ерменија.

„Секако дека ментално не е сменето ништо, познавајќи ги моите фудбалери, тие се спремни за секој нов предизвик. Имаме резултатско разочарување, но без потценување на Летонија и Фарски, Острови мислам дека директните дуели против Ерменија ќе го одлучат патникот во следната фаза. Нашите мисли се фокусирани кон Ерменија и она што може да го очекуваме на теренот“, кажа Милевски.

Македонија разочара против Фарски Острови (1-1), но селекторот вели дека неговите фудбалери дале сè од себе на теренот.

„Тоа е ваше мислење, моето мислење е поинакво. Сè што се случуваше против Фарски, посебно во вториот дел кога доминиравме не можам да замерам, единствено на агресијата која беше послаба во текот на целиот меч. Притисокот секогаш постои, но ќе повторам ги познавам фудбалерите, тие се ментално силни и спремни се да се вратат од тежок резултат“, изјави Милевски.

Милевски посочи дека во моментов се повикани најдобрите фудбалери во репрезентацијата.

„Фудбалерите кои се на овој собир според мене се најдобрите кои ги имаме. Ако барам натпреварувачка форма треба да немаме 70% од тимот. Јас го гледам потенцијалот кој го познавам индивидуално кај секој фудбалер, формата во клубовите не е пресудна. Против Фарски Острови имавме други очекувања, но се случи тоа што се случи. Кој ќе настапува и кој ќе добие шанса ќе одлучам јас, формата во клубот и играта за репрезентацијата е нешто различно“, кажа селекторот.

Дуелот меѓу Македонија и Ерменија се игра утре на Националната арена „Тодор Проески“ од 20.45 часот.