Циркузи: Суперкласико прекинато – Бразилците сакаат да „депортираат“ четири Аргентинци!

Суперкласикото помеѓу Бразил и Аргентина во Сао Паоло е во прекин после само седум-осум минути, откако бразилските здравствени власти сакаат да ги „депортираат“ четворица аргентински репрезентативци поради загрозување на јавното здравје.

Според одлуката на здравствените власти во Бразил, четворицата фудбалери од Премиерлигата, Емилијано Мартинез, Буендиа, Кристијан Ромеро и Ло Селсо морале да одат во двонеделен карантин, зашто доаѓаат од опасно подрачје, Англија, а Бразил има задолжителен карантин за сите што доаѓаат од Велика Британија, Јужна Африка и Индија.

Според бразилската агенција за здравство, Аргентинците не кажале дека доаѓаат од Велика Британија, по што здравствените власти оцениле дека се сериозен ризик, па сега го прекинаа мечот и Аргентина се повлече во соблекувалните, додека Бразилците се на теренот.

Капитенот на Аргентина, Лионел Меси излезе пред малку на теренот за да се поздрави со бразилските фудбалери и на последен разговор, ама како што стојат работите поради „опасноста за јавното здравје“ овој меч многу веројатно нема ни да се доигра.