Бразилците бесни по ремито во Мадрид: Во иднина нема да играме ако нема ВАР!

Фудбалерите на Шпанија и Бразил одиграа нерешено (3-3) во пријателски натпревар одигран синоќа во Мадрид, кој навидум делува спектакуларен, но кој предизвика и жестока реакција од таборот на „кариоките“.

Гостите беа бесни по мечот, сметајќи дека двата пенали досудени за Шпанците во најмала рака биле сомнителни. Без разлика што имаше контролен карактер, мечот беше полн со тензија, а беше решен со голот на Лукас Пакета од пенал во 96. минута со кој му донесе реми на Бразил. Имаше многу дискусии, турканици, остри стартови, но и контроверзни одлуки на судијата Антонио Нобре од Португалија, кои придонесоа да се разгорат страстите. Првиот пенал за Шпанија беше многу сомнителен, бидејќи се чини дека младиот Јамал направи прекршок во напад, а прашање е и дали дуелот помеѓу Бералдо и Дани Карвахал во 85. минута беше прекршок.

Поради ова, воопшто не изненадува ставот на претседателот на Фудбалската федерација на Бразил (ЦБФ), Едналдо Родригес, кој истакна дека ќе ја извести ФИФА дека петкратните светски шампиони нема да играат пријателски натпревари без ВАР технологијата.

„Ќе ја информираме ФИФА дека не само на официјалните натпревари на бразилскиот тим, туку и на пријателските, употребата на ВАР да биде задолжителна. Фудбалот многу напредуваше во Европа и такви работи се неприфатливи на толку важен натпревар“, рече Родригез. .

Со него се согласуваат и играчите. Савио од Жирона се чуди зошто не се користеше ВАР на дуелот меѓу толку силни екипи.

„Тоа е чудно, навистина чудно. Не знам дали некогаш сум играл натпревар во кој немало ВАР. А што да кажам за пеналите… Не смеам да зборувам за тоа”, изјави 19-годишникот.