Бразил блесна кога требаше и го растури Парагвај, Колумбија веќе е во следната фаза (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Бразил одигра како што од неа се очекува и го растури Парагвај (4-1) во синоќешната пресметка на Копа Америка која се игра во САД.

„Кариоките“ првата шанса за водство ја имаа во 31. минута кога Пакета промаши пенал, но само неколку минути подоцна Винисиус јуниор го отвори резултатот. Потоа се беше полесно за фаворитот, кој до крајот на првото полувреме постигна уште два гола и тоа преку Савио и повторно Винисиус јуниор. Парагвајците во 65. минута го постигнаа почесниот погодок, додека Пакета го постави конечниот резултат реализирајќи го вториот пенал на оваа средба.

Убедлива беше и селекцијата на Колумбија која лесно ја совлада Костарика (3-0). Дијас од пенал во 31 минута го отвори резултатот, а во вториот дел прецизни беа и Санчес и Кордоба за убедлив триумф со кој Колумбијците со шест бода по првите два меча обезбедија место во нокаут фазата од ова натпреварување. Бразилците по ремито со Костарика сега имаат четири бода, па и тие се речиси сигурно за вториот круг дури и да загубат во последниот меч со Колумбија.