Осминафинално дерби меѓу Франција и Белгија, Португалија на мегдан со Словенија!

Денеска на програмата на Европското првенство се две осминафинални средби, Франција се среќава со Белгија, а Португалија против Словенија ќе се бори за место меѓу најдобрите осум.

Франција е еден од главните фаворити за освојување на Европското првенство, но веднаш на стартот од нокаут фазата ќе се соочи со силен предизвик.

Селекцијата на Белгија има одличен состав предводен од играчи како Де Брујне и Лукаку. Ќе сакаат да им ги расипат сметките на Французите и да ги сопрат уште во осминафиналето.

Килијан Мбапе кој игра со скршен нос, ќе биде стартер на овој натпревар. Дешам веќе нема простор за калкулации, ќе игра со најдобрите. Французите не беа брилијантни во групната фаза, но најважните натпревари почнуваат од денеска.

Овој меч се игра од 18 часот во Диселдорф, а потоа, од 21 часот ќе почне дуелот меѓу Португалија и Словенија.

Словенците се пријатно изненадување на Европското првенство, многумина не им даваа шанси да ја минат групната фаза, но момците на Кек на крајот излегоа подобри од Србија и вечерва ќе истрчаат во осминафинален натпревар.

Противник им е силната селекција на Португалија. Португалците се едни од фаворитите на Европското првенство со оглед на составот кој го имаат. Потфрлија само во последниот меч од групната фаза кој го загубија од Грузија, но од претходно го имаа заверено првото место, па веројатно и тоа имаше удел во крајниот исход.

Кристијано Роналдо е желен за нов успех со репрезентацијата. Португалија се наоѓа од тешкиот дел на ждрепката, а главната фаза во походот по пехарот започнува денеска. Тие немаат прави на кикс како против Грузија.