Не беше доволен трипл-даблот на Дончиќ: Хрватска убедлива против Словенија!

Репрезентацијата на Хрватска славеше убедлива победа од 92:108 над Словенија во првото коло од квалификациите за Олимписките игри.

Лука Дончиќ ја пренесе одличната форма од Далас и беше најдобар на теренот со трипл-дабл од 26 поени, 11 скокови и 10 асистенции, како негова поддршка Препелиќ уфрли 19 поени, меѓутоа Хрватска имаше повеќе расположени кошаркари, а најефикасен беше Филиповиќ со 21 постигнат поен.

Имаше водство Хрватска скоро во текот на целиот натпревар, а Словенија парираше само во почетните минути, меѓутоа Хрватите многу брзо дојдоа и до 18 поени предност уште во првата четвртина.

Во продолжение сликата на паркетот не се промени многу, констатно Хрватите имаа сигурно водство и не дозволија Словенија посериозно да се закани. Поради проблеми со семафорот мечот беше прекинат во третата четвртина, а откако дефектот беше отстранет мечот продолжи. 

Шпанија во натпреварот кој се играше во терминот од 20:30 часот славеше исто така убедлива победа над Либан со 104:59.

Во останатите натпревари денес Латвија беше подобра од Грузија со 83:55, Бахами ја совлада Финска со 96:85. Домениканска Република славеше над Египет со 90:77, додека Бразил со 81:72 ја совлада Црна Гора.