Шампионот се засили со македонски репрезентативец за настапот во ЛШ!

Актуелниот македонски шампион, екипата на Струга, ангажира квалитетно засилување во пресрет на стартот на квалификациите за Лигата на шампионите односно за двомечот со словачкиот гигант Слован.

Станува збор за репрезентативецот на Македонија, Стефан Спировски, кој по седум години повторно ќе игра на домашна сцена. Тој им се приклучува на Кире Ристевски, Арби Воша, Стефан Јевтовски, Дујмовиќ и Такахара, кои претходно потпишаа договор со стружани.

Спировски кариерата на почна во Пелистер, а играше и за Работнички и Вардар, од каде што во 2017 година за половина милион евра се пресели во Ференцварош. Спировски во Унгарија се задржа две години, пред да се пресели во Хапоел Тел Авив, по што следеше авантура во АЕК Ларнака, Мариупол, МТК Будимпешта, Пјуник, за минатата сезона да ја мине на Кипар играјќи за Етникос.

Тој има 55 настапи за македонската репрезентација, со што е 17. играч по бројот на одиграни натпревари во националниот дрес.