Аргентина занеме, а солзите сами потекоа кај секој Аргентинец откако попладнево фудбалскиот бог Диего Армандо Марадона почина на 60 години од срцев удар, оставајќи го светскиот спорт празен само три недели откако имаше успешна операција на хематом на главата.

Смртта на Марадона ја потресе Аргентина, државата прогласи тридневна жалост во чест на својот најголем фудбалски уметник, чии мајстории вечно ќе се паметат. Целиот свет, сите фудбалски легенди, актуелни играчи, тренери, клубови со пораки се простуваат од фудбалскиот великан.

Солзи се лијат од Буенос Аирес до Неапол. Аргентинците дојдоа пред куќата на Марадона со неверување дека нивниот Бог повеќе не е меѓу живите. Се собираат луѓе и во Неапол, откако нивниот најголем идол замина во вечноста откако остави неизбришлива трага во градот под Везув, кој од просечен клуб го направи италијански шампион.