Трајковски: Како победуваме, така напредуваме, па дај боже да играме на Евро 2020!

Репрезентативно крило Александар Трајковски синоќа со два гола беше еден од најдобрите поединци на Македонија во триумфот со 4-1 против Лихтенштајн за да се продолжи победничкиот марш кој првото место во групата Д во Лигата на нации и пласман во плејофот за настап на Евро 2020.

Трајковски за половина час даде два гола, двата на асистенција на капитенот Горан Пандев, кој му возврати синоќа за асистенцијата на Трајковски, по која Пандев ја запечати победата на Македонија против Ерменија минатиот месец со 2-0. Од осумте досегашни голови на Македонија, три има Езгјан Алиоски (еден од пенал), Трајковски и Пандев по два, а Иван Тричковски еден, но фудбалерот на АЕК Ларнака за овој циклус отпадна поради повреда.

„Фала богу продолжуваме во тој стил. Тој (Пандев – н.з.) да асистира, јас да давам голови или тој да дава голови, а јас да асистирам. Се додека трае ова е многу добро. Се гледа дека играме добро, дека многу напредуваме и веќе сме на првото место. Се надевам дека до крај ќе го задржиме тоа прво место, а потоа здравје боже да играме на тоа Европско првенство“, вели македонската „деветка“.

Трајковски со двата гола покажа дека од почетокот на сезонава е во извонредна форма, што го покажува и на мечевите за Палермо, каде дава голови, асистира и тотално ја оправдува „десетката“ која како товар ја носи на грбот на Сицилија. Македонија денеска заминува за Ереван, на мечот кој е прва меч топка за практично да се завери првото место. Победа и дефинитивно ќе значи дека Македонија ќе игра плејоф за Евро 2020. На рака вчера ни одеше големата сензација во Ереван, каде Гибралтар ја победи Ерменија со 1-0.

„Ние не размислуваме дали Ерменија загубила или победила, ние одиме во Ереван да одиграме на добар резултат, а најважно е да не загубиме на тој меч. Сега за сега сè е супер. Победивме, прво место сме во групите и се надевам дека така ќе остане. Оваа генерација и со сите тие подмладувања кои беа направени од младата селекција, направме едно семејство и тоа се гледа и на терен. Сите сме ние квалитетни играчи, играме во големи екипи, играме надвор од Македонија и тоа е многу важно. Се надевам дека со овие мечеви, како ќе победуваме, така ќе напредуваме и да направиме уште еден голем чекор напред“, потенцира Трајковски.

Македонија повеќе од една година е без пораз, а барем досега разликата во квалитет на страната на црвено-жолтите е очигледна, што значи дека серијата би можела да продолжи.

„Ако продолжиме вака да играме, со овој менталитет и со оваа мотивација, никој не може да ни ја расипе серијата“, самоуверено додаде Трајковски.