Норис победи првпат, Ферстапен по долго време загуби без да му откаже болидот!
Тој е 140. победник на трка од Формула 1 циркусот и 21. Британец кому му успеало да слави, а до триумфот стигна во својот 111 старт. На претходната трка, во Кина пред две недели, го освои второто место, па со ова само ја потврди одличната форма во која вози оваа сезона. Меѓу другото, тој ја прекина доминацијата на Макс Ферстапен кој првпат по една година не победи на трка на која извозе до крајот, односно не му откажа болидот. За Норис ова е прва победа откако претходно дури 15 пати беше на пиедесталот, но секогаш на втората или третата позиција.
Актуелниот светски шампион денеска го освои второто место иако стартуваше од пол-позицијата. Уште во првата половина од трката тој го загуби челното место и до крајот не успеа да го стигне Норис. Одлучи судирот меѓу Кевин Магнусен и Логан Саргент што доведе до излегување на безбедносното возило и забавување на трката, а Норис ја обезбеди победата по рестартот.
За Мекларен Мерцедес ова беше прва победа на трката во Формула 1 по Монца во 2021 година кога славеше Даниел Рикиардо. Третото место на подиумот денеска му припадна на Шарл Леклерк.