Се пензионираше фудбалерот кој беше споредуван со Зидан, Роналдињо и Кројф

Адел Тарабт некогаш важеше за голем талент, а по стилот на игра на почетокот од кариерата беше споредуван дури и со големиот Зинедин Зидан, сепак остана далеку од достигнувањата на француската легенда и денес на 37 години се збогуваше од фудбалот. 

Роден е на 24 мај 1989 година во Франција, а првите сериозни фудбалски чекори ги направи во Ленс. Како многу млад го привлече вниманието на скаутите, па во 2007 година го доведе Тотнем. Во Лондон пристигна како еден од најталентираните играчи од својата генерација, но во редовите на Спарс не успеа целосно да се наметне.

Вистинскиот блесок го доживеа во Квинс Парк Ренџерс, каде што стана клупска икона. Во Чемпионшип беше незапирлив, го предводеше тимот кон Премиер лигата, постигнуваше спектакуларни голови и ги воодушевуваше навивачите со своите дриблинзи.

Во сезоната 2010/11 беше прогласен за најдобар играч во Чемпионшип, а навивачите на КПР и денес го паметат како еден од најталентираните фудбалери кои го носеле дресот на клубот.

Неговиот стил на игра беше посебен. Играше како офанзивен играч за врска или крило, имаше одличен прв допир, неверојатна техника, одличен удар од далечина и способност со еден потег да го реши натпреварот. Поради тоа често го споредуваа со фудбалери како Зинедин Зидан, Роналдињо и Јохан Кројф, иако овие споредби повеќе зборуваа за неговиот талент отколку за остварениот учинок.

По КПР доби шанса и во големи клубови. Играше за Фулам, Милан и Бенфика. Во Милан за кратко време остави добар впечаток, постигна четири гола на 16 настапи и изгледаше дека би можел да ја врати кариерата на вистинскиот пат.

Сепак, проблемите со физичката подготвеност, односот кон тренинзите и дисциплината го следеа во текот на целата кариера. Во Бенфика долго време не успеваше да се наметне, па дури и извесен период тренираше со резервниот тим, пред да најде нова улога и да стане важен играч на португалскиот клуб.

На крајот одигра вкупно одигра повеќе од 100 натпревари, а последните години од кариерата ги помина во Обединетите Арапски Емирати, каде што настапуваше за Ал Наср и Шарџа.