Гогов: Имаме голем потенцијал, но треба многу да работа за да сме на сто проценти
Голманот е свесен дека Мелсунген е една силна и квалитетна екипа и поради тоа очекува тежок натпревар.
„Ни следува првиот натпревар во Лигата на шампионите. По пет години повторно се враќаме во ова натпреварување. Нè очекува многу тежок и квалитетен противник, кој располага со голем број квалитетни ракометари. Можам да кажам дека добро се познаваме, бидејќи во изминатите две години се сретнавме неколку пати.
Претходните натпревари беа во Европската лига, а сега играме во Лигата на шампионите. Можам да кажам дека ова е едно ниво погоре. Точно е дека ги победивме и на домашен и на гостински терен, но не можам да кажам дека тоа беа лесни победи. Тогаш тие настапија со скратен состав и имаа проблеми со повредени и болни ракометари“, изјави Гогов.
Како еден од проблемите со кој се соочува Вардар го истакна ростерот, но и краткиот период во кој тимот не успеал да се комплетира и да одработи доволен број заеднички тренинзи.
„Во македонското првенство има ограничување на бројот на странски ракометари, па не можеме да настапиме со комплетен состав и со сите играчи. Во текот на пријателските натпревари и турнири имавме проблеми со болести и повреди. Поради тоа, не успеавме да се комплетираме и да го покажеме сето она што го работиме на тренинзите.
Секако, имаме уште многу работа за да бидеме на сто проценти. Не успеавме да одработиме доволен број заеднички тренинзи. Овој тим има голем потенцијал, но мора уште многу да работиме и секој од нас да го даде својот максимум. Мелсунген има многу квалитетни ракометари и широк ростер. Опасни се и од девет и од шест метри. Доколку треба да издвојам од каде доаѓа најголемата опасност, тоа е од левата бековска позиција“, додаде голманот.
Натпреварот помеѓу Мелсунген и Вардар се игра в четврток од 20:45 часот.