
Со тимски дух и лавовска борба против силната Белгија - Македонија вечерва има голем меч!
Македонија има добар старт на овој квалификациски циклус, по две кола освоивме четири бода и во моментов сме на првото место. Но, главниот фаворит во групата, селекцијата на Белгија денеска го игра својот прв меч и тоа токму против нашата репрезентација.
Белгија во Скопје доаѓа со новиот селектор Руди Гарсија за кој ова ќе биде само третиот меч на кормилото на белгиската репрезентација по двата меча кои ги одигра со Украина каде имаше половичен успех, победа и пораз.
Македонија на крилјата од своите навивачи ќе сака да се претстави во добро светло и ако може да му скине бодови на големиот фаворит кој во своите редови има ѕвезди како Лукаку, Де Брујне, Тросар, Де Кетеларе, Доку, Тилеманс...
„Анализите се направени, не треба да се зборува за квалитетот на Белгија, тие со години наназад се во самиот врв. Ние покажавме дека знаеме да го дадеме максимумот и против такви тимови, за тоа да се случи треба да бидеме максимално подготвени. Индивидуалниот квалитет на Белгија е на највисоко можно ниво, но Македонија ако функционира како тим, тоа е нашата најдобра страна и само така можеме да се надеваме на позитивен резултат. Сето останто е на страна на противникот, но јас сум убеден дека тимот е оној кој го носи позитивниот резултат“, вели селекторот Благоја Милевски.
Руди Гарсија кој му беше тренер на Елмас во Наполи е претпазлив, има пофалби за Македонија и вели дека мора да го дадат максимумот за да го добијат вечерашниот натпревар.
„Не е само Елмас, Македонија има и други солидни играчи како што се Барди, Алиоски… очекувам тежок натпревар. Тоа е тим кој прави притисок, знае да ги искористи грешките на противникот и мора да бидеме внимателни и да го дадеме максимумот. Ја анализиравме Македонија, знаеме дека имаме работа со силен тим, за нас е специфично што ова ни е прв меч во квалификациите за разлика од Македонија која веќе собра четири бода. Ќе дадеме се од себе“, рече Гарсија.
Македонија и Белгија имаат четири меѓусебни дуели. Првите два се случија во квалификации за Европското првенство пред три децении. Тогаш ги изненадивме Белгијците на нивен терен играјќи 1-1, но во реваншот во Скопје тие не прегазија со 5-0.
Следните два меча се случија во 2013 година во квалификации за Европското првенство, Белгија ги доби двата меча, на нејзин терен победи со 1-0, а во Скопје славеше со 2-0.
Како ќе биде денеска, останува да видиме, во селекцијата на Македонија има добра атмосфера, фудбалерите имаат желба за надигрување со силниот противник и ќе се обедат да ја израдуваат нацијата.