
Серафимов со интервју на македонски јазик претставен на навивачите на Левски (ВИДЕО)
Тој потенцираше дека е почестен и среќен што ќе го носи дресот на овој клуб и вети дека ќе го даде својот максимум на теренот.
„Многу сум радосен што сум дел од Левски. Атмосферата е навистина одлична. Пријатно сум изненаден од тоа како од првиот ден бев прифатен од сите – соиграчите и стручниот штаб“, рече Серафимов.
Македонскиот дефанзивец додаде дека брзо ја донел одлуката да се приклучи на Левски.
„Не ми требаше многу време за да размислувам. Со мојот агент разговаравме можеби ден и половина. Го следев во живо натпреварот со Спартак Варна, на кој атмосферата беше феноменална и убаво беше да се биде на трибините“, објасни тој.
Серафимов ги следел и настапите на клубот во Европа, посочувајќи го мечот против Сабах како клучен момент.
„Тоа беше извонреден натпревар. Многу се радував кога дознав дека Левски ќе игра во плејофот за пласман во Лигата на конференции. Конкуренцијата секогаш е мотив повеќе за мене да напредувам како фудбалер“, изјави фудбалерот од одбраната.
Тој додаде дека веќе имал контакт со поранешниот македонски репрезентативец Дарко Тасевски за значењето на Левски.
„Не сакам многу да зборувам за себе. Моите квалитети ќе се покажат на теренот. Целта ми е секој ден да бидам подобар и како играч и како човек. Ќе го давам максимумот. Само Левски“, порача новиот фудбалер на „сините“.
Колку е значајно доаѓањето на Серафимов за бугарскиот тим покажува и начинот на кој беше промовиран и претставен, во стилот на големите ѕвезди со, меѓу другото и специјално видео за неговиот пат од домот во Скопје до Софија.