Рубљев повеќе од два часа му парираше на Алкараз, па сѐ уништи со двојна сервис грешка

Карлос Алкараз обезбеди пласман во полуфиналето на Мастерсот во Синсинати откако вечерва го совлада Андреј Рубљев со 2-1 (6-3, 4-6, 7-5).

Мечот траеше два часа и 17 минути, рускиот тенисер даде силен отпор и беше рамноправен со големиот фаворит, но во финишот ги загуби нервите и испадна поради почетничка грешка. Во последниот гем имаше водство од 40-30, но прво направи две неизнудени грешки за предност на Алкараз, а потоа очигледно изнервиран два пати сервираше лошо и со двојна сервис грешка буквално му ја подари победата на противникот.

Претходно, Алкараз имаше брејк предност во третиот сет, при резултат 5-3, но на свој сервис не успеа да стави точка на мечот. Рубљев се врати во игра, се чинеше дека ја има психолошката предност за на крајот сето тоа да го фрли во вода.

За пласманот во полуфиналето, Алкараз веќе заработи 400 бода, а во следната фаза ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Зверев и Шелтон кој е на програмата вечерва по полноќ.