
Спектакл на стартот: Шест гола, победа на Ливерпул - Киеза и Салах спасители (ВИДЕО)
Навивачите на Енфилд имаа што да видат, а малку недостасуваше да си заминат разочарани. Ливерпул водеше со 2-0 по 49 минути игра, благодарение на головите на Екитике и Гакпо и во тие моменти се чинеше дека „црвените“ без проблеми ќе ги освојат првите три бода во сезоната.
Сепак, така не мислеше Семенјо кој во 64. и 76. минута два пати го совлада Алисон и се погрижи Борнмут да замолкне над 60 илјади домашни навивачи, израмнувајќи на 2-2. Гостинските фанови почнаа да се подготвуваат за реми, потајно се надеваа и на сензација, но одбраната на тимот покажа неверојатна конфузија во клучните моменти.
Прво во 88. минута двајца фудбалери на Борнмут се сплеткаа и буквално му ја подарија топката на Киеза кој од 7-8 метри ја закова во мрежата на гостинскиот тим за водство од 3-2, а длабоко во судиското продолжение Мохамед Салах стави точка на мечот со својот прв гол во сезоната.