Сејдини барал бришење на селекторот од химната за Евро2020! (ВИДЕО)

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини кој пред неполн месец беше реизбран за прв човек на македонскиот фудбал скандалозно побарал да се избрише селекторот Игор Ангеловски од химната која е снимена за националните херои под името „Одиме на Европско“, пишува 360 Степени

ФФМ денеска ја најави химната на фудбалската репрезнетација која летово ќе дебитира на Европските првенства, но од поодамна затегнатите односи на релација А-тим – раководство на ФФМ повторно се пред експлозија и тоа откако првиот човек на ФФМ, Сејдини побарал да се избрише Ангеловски од текстот со стихот: „Мрме на чело на црвена армија, те слави Македонија“.

Ваквиот потег на Сејдини ги разгневило македонските фудбалери кои изминатата година напишаа историја со пласманот на ЕП, а својот квалитет го докажаа и минатата недела после епската и историска победа над Германија, па со реакција за „360 Степени“, Горан Пандев и Илија Несторовски посочуваат дека потегот на Сејдини е некоректен и жален.

„Како можат да се дрзнат да го тргнат селекторот или некои играчи од химната, тоа е некоректно и жално. Мислам дека стигнала оваа порака до Федерацијата и мислам дека треба добро да размислат пред тоа да го направат. Но, тоа е за секоја осуда. Ја покажаа нивната некомпетентност, нечовечност. Нема да биде коректно да го тргнат селекторот. Ајде, да ги ставиме тогаш луѓето од Управен одбор во химната, дека тие се најзаслужни што се пласиравме на ЕП. Треба да разберат дека ова е репрезентација на сите, а не нивна“, вели Пандев за „360 степени“.

Несторовски, пак, кого Ангеловски го избриша за мечот со Германија поради пцовките пред камери, застана зад селекторот и објасни како се случило сѐ, кога во еден момент дошла наредбата да не се пее делот за популарниот Мрме.

„Ние играчите бевме повикани да снимаме спот за таа песна. Кога пристигнавме на стадион, не пречекаа Пеце Суперхикс и неговата група – се беше спремно за снимање. Во еден момент почнаа да му објаснуваат на селекторот дека од Федерацијата е побарано да биде тргнат делот во кој се спомнува Мрме. Навистина останавме вчудовидени, не очекувавме таква ситуација, бидејќи знаеме дека тие резултати се постигнати на чело со сегашниот селектор. Снимавме еден дел со него и без него, не знаеме уште како ќе биде. Се надевам дека ќе заврши оваа игра и човекот ќе добие внимание поради сите резултати што ги направи за Македонија“, вели Несторовски.

Од поодамна трае антагонизмот на Ангеловски и Сејдини, откако првиот човек на ФФМ имал желба, но безуспешка, да го смени селекторот пред баражите, а потоа ја одолговлекуваше работата за нов договор после историскиот пласман, за на крај да му даде омаловажувачки само шестмесечен договор до 1 јули. Капитенот Пандев уште пред повеќе од еден месец, кога распука по ФФМ, објави дека Сејдини сакал да го смени Ангеловски, предизвикувајќи бура од реакции кај македонската јавност.

Ангеловски, пак, за „360 Степени“ го прокоментира обидот за да се избрише од химната на македонската селекција посочувајќи дека не побарал никаков одговор од првиот човек на ФФМ.

„Нека им служи на чест на тие што сакаат да го направат тоа. Не побарав одговор од претседателот на Федерацијата, тоа е негов начин на однесување и капацитет на водење. Јас сум професионалец и селектор на фудбалската федерација на Македонија“, вели Ангеловски, а за антагонизмот додава:

„Ако Горан Пандев во едно интервју пред две години кажа дека пред баражите посакал да ме смени и таа идеја долго време провејува во јавноста од нивна страна… Јас кон него немам никаков антагонизам, јас ги испорачав најдобрите резултати во историјата на македонскиот фудбал, во времето кога тој е претседател. За другото, треба тој да одговори“.

За време на послендјот репрезентативен собир за стартот на мундијалските квалификации, фудбалерите одбија премија за поразот од Романија, а потоа селекторот објави дека се обидел да договори состанок со Сејдини за да се „спушти топката“ во затегнатите односи, но до состанок не дошло, тогаш со образложение од ФФМ дека претседателот има коронавирус. 

ФФМ преку својот инстаграм-профил пред час и половина пушти најава за новата химна, со извадок од истата, а допрва јавноста ќе види која ќе биде официјалната верзија, со или без селекторот Ангеловски.