Сањол: Сами сѐ решаваме, не смееме да влеземе против Македонија дека ни е доволен бод

Француската легенда Вили Сањол посочи дека Грузија сама решава за првото место во групата во утрешното дерби со Македонија во претпоследното коло во третата сезона од Д-дивизијата во Лигата на нациите, но не смее неговите избраници да влезат во мечот со помисла дека доволен им е бод.

Свесен е Французинот дека мора да се одигра максимално за да се оствари зацртаната цел и повторно ја пофали Македонија, која овојпат во Тбилиси доаѓа буквално десеткувана.

„За мене Македонија пред стартот на групата беше фаворит и најдобриот тим, зашто играа на Европско, ја елиминираа Италија од Светско, но сега ние сме лидери и сами решаваме за првото место, па ако не успееме да го освоиме ќе бидеме разочарани. Тоа што не смее да го направиме е утре да влеземе со мисла дека ни е доволен и бод“, рече Сањол.

Грузија ја предводи калчо-ѕвездата Квича Кваратсхелија, а Сањол смета дека за победа против Македонија ќе мора цел тим да одигра квалитетно.

„Имавме само еден заеднички тренинг пред мечот, но задоволен сум од тоа што го видов. Мечот што нѐ очекува ќе биде со висок интензитет и ќе видиме колку ќе биде поразличен од тој во Скопје. Ако сакаме победа, мора да бидеме квалитетни на секој дел од теренот, почнувајќи од одбраната. Македонија има одлучна група на фудбалери“, додаде Сањол.

После победата со 3-0 во Скопје, на Грузија ѝ треба бод за прво место, па и пораз до два разлика зашто ќе има превласт во меѓусебниот дуел и потоа ќе треба да го победи Гибралтар во завршното коло за заверка на лидерската позиција во случај на пораз. Македонија, пак, мора да брка победа со четири разлика.