Ристовски: Ризикував за Македонија!

Македонскиот десен бек Стефан Ристовски со само една недел тренинзи после незгодната повреда и паузата од повеќе од два месеци, одигра повеќе од еден час во дефанзивата и тоа како стопер, за да помогне во трката за останување во игра за пласман на Евро 2020.

Ристовски се бореше до последен атом за Македонија, ризикувајќи многу, поради својата неподготвеност, па потоа беше заменет со Кристијан Тошевски во триумфот со 2-0, по што Македонија сега е трета во групата и на три кола до крајот на квалификациите има шанси за директен пласман на ЕП.

„Планот беше да играм 30 минути, но ризикував за Македонија. Поради тоа Спортинг прати човек тука, но кај мене имаше голема желба да играм пред нашата публика. И вечерва покажавме цврста игра, карактер, добивме шанса и ја – искористивме. Драго ми е што стадионот се наполни, што луѓето видоа дека Македонија може да игра. Сега сè е отворено во оваа група, секоја победа нас ни значи и без разлика дали имаме или немаме шанси за ЕП, победа си е победа. Сите знаеме во каква ситуација бевме пред неколку години, а каде сме сега. Имаме селекција која може да ѝ парира на секоја репрезентација“, вели Ристовски.