Киву (не)задоволен: Примивме смешни голови, но покажавме шампионска ДНК!

Тренерот на Интер, Кристијан Киву, го изрази своето задоволство од победничкиот менталитет на екипата по спектакуларниот триумф од 5:3 над Удинезе во синоќешниот натпревар од четвртото коло во италијанската Серија А.

Иако „нероаѕурите“ забележаа важна победа, стратегот посочи на одредени слабости во играта, особено поради фактот што тимот се најде во негатива од два гола по само 25 минути игра.

„Примивме голови поради индивидуални грешки и треба да работиме на тоа, не сум загрижен. Почнавме тромо, без оган и мораше да реагираме откако заостанувавме 0-2. Имаме состав кој ни овозможува да одржуваме високо ниво и да останеме верни на идентитетот и ДНК-та на тимот. Ни недостасуваше енергија во првите 25 минути, Удинезе ја казни нашата невнимателност, но одговоривме. Бев задоволен од менталитетот и гордоста што ја покажавме, иако треба да видам и што не функционираше“, изјави Киву.

Анализирајќи ги недостатоците, предводникот на Интер потенцираше дека екипата не е совршена и дека претстои уште многу работа до крајот на долгата сезона.

„До одреден степен, го очекував тоа по натпреварот од Лигата на шампионите. Ако кажев дека не сум загрижен, не би бил тренер, но ова е модерен фудбал. Не сме совршени и не тврдиме дека сме. Знаеме дека треба да продолжиме да работиме затоа што сезоната е долга и, за среќа, сè уште има многу области во кои можеме да се подобриме“, заклучи стратегот.